Test Suite of Fair Use Vids (Демонстрација на правилата за фер користење во фан-видеата)

Демонстрацијата која следи е дадена како поддршка за предложеното обновување на DMCA исклучокот за некомерцијални креатори на видеа како што се видерите од страна на Фондацијата Електронска граница (Electronic Frontier Foundation, EFF). Ве молиме имајте на ум дека големината на овие видеа е намалена за нивно секојдневно стримување; овие видеа се направени за приказ на големи екрани и/или за да се симнат од страна на гледачите.

2 август 2012. OTW (Организација за трансформативни дела) одговара на прилози презентирани од страна на DVD CCA; прочитајте го нашиот одговор и погледнете го вториот дел од прилозите на OTW во нашата втора галерија на слики.

4 јуни 2012. Франческа Копа (Francesca Coppa), Ребека Ташнет (Rebecca Tushnet) и Тиша Турк (Tisha Turk) сведочат во Конгресната библиотека; Турк презентира прилози кои се наоѓаат во нашата галерија на слики.

2 март 2012. Рејчел Вон (Rachael Vaughn) и Ребека Ташнет (Rebecca Tushnet) поднесуваат Одговор од страна на OTW (PDF). EFF исто така го поднесува својот Одговор (PDF) како поддршка на различни исклучоци, вклучително и исклучокот за некомерцијални ремикси.

1 декември 2011. Ребека Ташнет (Rebecca Tushnet), Рејчел Вон (Rachael Vaughn) и Франческа Копа (Francesca Coppa) работат со EFF за да поднесат предлог за обновување и прошурување на DMCA исклучокот за некомерцијални ремикси (PDF).

26 јули 2010. Конгресната библиотека на САД носи одлука во корист на DMCA исклучоците. OTW издава соопштение за медиумите во одговор на одлуката.

2 декември 2008. OTW поднесува одговор во поддршка на предлогот на EFF за DMCA-исклучокот да го дозволи одвојувањето на клипови од DVD-а за нивно користење во некомерцијални ремикс видеа како што се фан-видеата, за кои што се смета дека спаѓаат под фер користење (PDF, или види како HTML). Коментарот на EFF може исто така да го симнете или да го видите како HTML.

За повеќе информации во врска со нашето тековно застапување поврзано со DMCA, погледнете ја нашата страница за Legal Advocacy (Правна поддршка).

OTW верува дека некомерцијалните дела кои креативно користат постоечки зашитен материјал, како што се фан-видеата, се трансформативни и дека трансформативните дела се легитимни под законите за зашита на авторските права на САД.


На видерите им е потребен изворен материјал со висок квалитет за да го трансформираат текстот

Видерите најчесто го манипулираат видео материјалот на различни начини: забрзување, забавување, менување на бои, намалување и зумирање, примена на различни ефекти, менување на фокусот на вниманието. Затоа бараат снимки со што е можно повисок квалитет, знаејќи дека овие трансформации имаат своја цена во однос на квалитетот; ако се почне од лоша снимка, можно е резултатот да не може да се гледа.

Подолу ќе најдете двеминутно split-screen видео направено од видерот и член на Комисијата за фан-видео и мултимедија Тиша Турк (Tisha Turk); левата половина е рипувана, десната е снимена. Ова снимка е манипулирана само на еден едноставен начин — забавена е, честа техника која ја користат видерите — и пикселацијата и лошиот квалитет на снимената снимка веднаш е препознатлива. Веројатно е дека снимената снимка не ќе може да се гледа по додавањето на дополнителни ефекти; како што велат видерите, “ѓубре влегува, ѓубре излегува.”

Во галеријата на слики I и галеријата на слики II можете да видите парови на слики кои ги демонстрираат разликите во квалитетот помеѓу рипуван и снимен изворен материјал.

 

Видингот е легитимен уметнички и културолошки значаен потфат кој претставува една воспоставена и растечка заедница.


Женска работа од Sisabet и Luminosity

Видеата го ремиксираат изворниот материјал на начин кој дозволува нов наратив, кој вообичаено коментира за или го критикува изворот. Добро познатото видео „Женска работа“ (Women’s work) од Sisabet и Luminosity е базирано на Натприродно (Supernatural), телевизиска серија за двајца браќа кои ловат духови. Меѓутоа, самото видео едвај има кадар од нив, наместо тоа поврзува кадри од жени од безброј епизоди од серијата, жени кои се прикажани само како еротиски, страдални или демонизирани. Еден коментатор го опиша како „докторски труд за женомразието во основните неистражени стуктури на приказните… видеото експицитно и отворено прикажува како многу од приказните кои ги знаеме и прераскажуваме зависат од страдањето на жените.“
„Женска работа“ беше претставена во Њујорк магазин (New York Magazine), а видеото на Luminosity “Воуг” (Vogue) беше наведено како „најдоброто фан-видео на годината“ во 2007.


Цената, од Things With Wings

„Цената“ (The Price) е видео за „мажоболка“ — збор измислен од фановите за да се опише „прекумерната, себична машка тегоба.“ Мажоболката бара од публиката да се поистовети со преувеличеното страдање на машкиот главен лик наместо на вистинските жртви на болка или насилство; во овој тип на приказни, жртвите — вообичаено жени — се прикажани како наративно неважни или како што Things With Wings вели „мажоболката е целосно наменета за камерата – кога ќе се случи нешто лошо, кој го добива емоционалниот близок кадар?“ Things With Wings понатаму објаснува дека „мораше да ја изразам фрустрацијата која ја чувствувам и со апсурдната/ужасна природа на овие истрошени тропи и со целосно предвидливите (и често проблематични) раширени фански реакции на овие тропи…“ Видеото е истовремено и критика на медиумската употреба на мажоболка и критика на прифаќањето на овие машки ликови и нивното страдање од страна на фан-заедниците.

Видингот ја поттикнува и техничката способност и креативноста.


Вака одат работите, од Lim

„Вака одат работите“ (This is How it Works) е составено речиси кадар-по-кадар од изворни снимки земени од телевизиската серија Старгејт Атлантис (Stargate Atlantis ), не само прераспоредени туку и преработени користејќи софтвер за уредување слики. Генерирани се анимирани бројки кои течат во ритамот на позадинската музика; ова е дел од пораката на видеото за двојната природа на ликот Родни Мекеј, научник кој сакал да биде музичар. По сподеувањето на видеото, Lim напиша детални белешки за нејзиниот процес, опишувајќи чекор по чекор како ги создала ефектите. „Вака одат работите“ покажува не само техничка способност туку и уметничко чувство. Едно од другите видеа на Lim, „Ние“, моментално е на изложбата Mediated, во Музејот на фотографија на Калифорнија.


Дел од мене, од Obsessive24

„Дел од мене“ (Piece of Me) намерно и уметнички комбинира сјајни DVD снимки од видеата на Бритни Спирс и други полоши слики од пејачката (слики од таблоидите, намерно матни видеа од YouТube) за да направи контраст меѓу планираниот имиџ на пејачката и попатетичниот наратив на експлоатација, комодификација и распад разоткриен од таблоидите. Песната „Дел од мене“, која ја изведува самата Спирс, треба да се разбере како предизвик за борба: „Сакаш дел од мене?“ Но Obsessive24 го открива скриеното значење на зборовите, кои го имплицираат насилното растргање. Резултатот е речиси класично трагичен наратив каде што Спирс е растргната од лешинарите: семејството, Холивуд, медиумите и ние, ненагледаната публика.

Видеата се форма на легитимна и навремена културолошка критика


Рачки, од Seah и Margie

„Рачки“ (Handlebars) од Seah and Margie е истржување на ликот на Докторот во Доктор Ху (Doctor Who), како и погенерален коментар за природата на моќта и одговорноста. Видеото почнува со слики кои ја прикажуваат ексцентричната природа на Докторот и продолжува кон поопасните аспекти на неговите авантури како и помалите покажувања на моќ, конечно завршувајќи со слики на насилство и уништување предизвикани од неговите дејства (во име на поголемото добро). Докторот е херојот на неговата серија; видеото служи како силна критика на моралните слепи точки на серијата преку реконтекстуализирање на настани кои гледачите веќе ги имаат видено. Видеото, во кое постапките на Докторот се збиени на најважните и најзначајни слики, директно ја пренесува критиката на ликот, особено во контекстот на соодветниот текст на песната: „Моја цел е чесна / мојата моќ е чиста… И можам да правам што сакам без дозвола… Можам да ја уништам планетата со холокауст.“


Бафи против Едвард, од Џонатан Мекинтош

Во политичкиот ремикс „Бафи против Едвард„ (Buffy Vs. Edward) од Џонатан Мекинтош (Jonathan McIntosh), машкиот вампир од Самрак (Twilight) франшизата ја сретнува феминистичката икона Бафи, убиецот на вампири. Овој ремикс од 2009 доби повеќе од 4 милиони прегледи и беше преведен на повеќе од 30 јазици. Исто така беше опфатен во главни медиумски извори како NPR, LA Times, Boston Globe, и Salon.com. Мекинтош користел многу различни типови снимки во создавањето на овој ремикс, вклучувајќи не само стандардни DVD рипови туку и снимки со висока резолуција кои се доволно големи за да му дозволат да ги исече другите ликови од кадарот (за подобро да создаде нова наративна реалност). Од тогаш Мекинтош го создал „Десничарко радио Патка“ (Right Wing Radio Duck), огромен вирален хит во кој Пајо Патор го слуша радио водителот Глен Бек и се приклучува на Tea Party (конзервативци) со ужасни резултати, како и „Премногу идиоти на дневното шоу“ (Too Many Dicks on The Daily Show) кое ја критикува групата писатели на Џон Стјуарт во која доминираат мажи.


Зависи колку ќе платиш од Gianduja Kiss

Видеото на Gianduja Kiss од 2009 „Зависи колку ќе платиш“ ја критикува телевизиската серија Долхаус (Dollhouse), научно-фантастична серија во која корпорација ги брише сеќавањата на поединци (кукли), ги заменува со нови личности и ги изнајмува за лични, често сексуални, потреби. Иако ова треба да биде неудобна и дистопична замисла, многу од женските фанови мислеа дека серијата не разбира целосно дека се работи за силување – дека бришењето на сеќавањата претставува темелен недостаток на согласност – и дека силувањето може да е тема во која не можат да уживаат женските фанови. Преку создавање на ремикс на серијата со весела песна за силување земена од The Fantasticks (и самиот ознака за нешто што некогаш се сметало за забавно, а сега за навредливо), Gianduja Kiss го искажала својот став за расправа која се протега низ блогосферата и медиумите, со аргументи ефикасно прикажани преку мултимедија; како што една феминистичка блогерка забележала откако го видела видеото, „Сцените со силување во Dollhouse се ретко така снимени. Тоа се сцени на забави, спортско ебење, „водење љубов“… Фан-видеото мора да го наметне хоророт на она што се случува… бидејќи освен контекстот на серијата, нема ништо во повеќето од овие сцени што го поттикнува гледачот да ја протолкува сцената на друг начин освен како таква каква што се чини.“ Со цел да го искаже својот став за оваа дебата додека се случувала, Gianduja Kiss морала да го направи видеото со снимки од Amazon Unbox; во тоа време не биле достапни DVD снимки.

Видеата предлагаат алтернативни толкувања и реалности


Поблиску од T. Jonesy и Killa

„Поблиску“ (Closer) е Стар Трек (Star Trek) видео кое ги еротизира насилните средби помеѓу ликовите Кирк и Спок. Како што Хенри Џенкинс забележал во својата дискусија за „Поблиску“ во Како да гледате фан-видео: „ваквите дела дефинитивно ја толкуваат оригинална серија, но не на начин кој би го признале повеќето професори по литература. Нивната цел не е само да ја откријат оригиналната идеја на продуцентите. Тие се обидуваат да постават хипотези, да ги одговорат отворените прашања и да предложат алтернативни реалности.“ Токму почетната шпица на „Поблиску“ прашува „Што ако не стигнаа на време до Вулкан?“, а потоа создава замислено сценарио како одговор на ова прашање. Ова е вознемирувачко видео за многу фанови, но како такво е и замислено. Повлекува паралели помеѓу сексуалното насилство и насилството на читање мисли и исто така ги отсликува некои од поконтроверзните теми во фикцијата кои фановите со децении ги имаат пишувано за Star Trek епизодата „Amok Time“


„Бел“ и штребер од talitha78

Во „’Бел’ и штербер“ видерот talitha78 одговара на низа на онлајн дебати околу раса во популарната култура, создавајќи видео кое се фокусира на Гас, афричко-американски лик од ТВ серијата Psych. Како што објаснува talitha78, „составувањето на ова стана начин да ги разработам сопствените проблеми во однос на (фанските дебати околу раса познати како) a href=”http://fanlore.org/wiki/RaceFail_%2709″>RaceFail 2009. Исто како Гас, јас сум потемен штебер во општество каде штреберството е често кодирано како „бело“. Со ова видео јас сакам да го преобратам тој стереотип…“. Така „’Бел’ и штребер“ ја прави расната невидливост видлива, покажувајќи дека црнците штребери се игнорирани бидејќи не се совпаѓаат со стереотипите за црнците или за штреберската култура.


Тестот од here’s luck

„Тестот“ комбинира клипови од римејкот на Стар Трек од 2009 со оригиналната Стар Трек ТВ серија за да прикаже приказна која тогаш веќе била позната во фан-фикцијата: во римејкот кога Спок Прајм ги пренел сеќавањата на уништувањето на Ромулус на Кирк, тој исто така ненамерно му пренел сеќавања од оригиналната серија, вклучувајќи и сеќавања на сексуалната привлечност или врска помеѓу него и Кирк од неговата временска линија. Видерот here’s luck користи специјални ефекти да ја сигнализира разликата меѓу сегашните случувања и сеќавањата, за да сугерира дека сликите од оригиналната серија серија се појавуваат матно и можеби ненамерно, за да воспостави романтични и сексуални конотации во тие слики и да создаде наратив во кој сеќавањата на Спок Прајм продолжуваат да течат во свеста на Кирк во текот на остатокот од филмот од 2009. (Прочитај дополнителни коментари за видеото.)