OTW Финансии: Ажуриран буџет за 2020

Во текот на 2020, тимот за финансии на OTW (Организација за трансформативни дела) продолжи да ги разгледува финансиските трансакции за да ја провери нивната точност и комплетност. Дополнителните задачи вклучуваа плаќање на сметките, завршување на ревизијата на финансиите за 2019 и осигурување дека се запазени стандардните сметководни процедури.

Во меѓувреме, тимот исто така вредно работеше да го ажурира буџетот за 2020 и со гордост го претставува тука! (проверете го Excel документот за буџетот за 2020 доколку сакате подетални информации):

Трошоци за 2020

Трошоци по програма: Наша сопствена архива: 68,2%. Отворени врати: 0,2%. Трансформативни дела и култури: 0,3%. Фанлор: 2,4%. Правна поддршка: 0,4%. Поддршка за конвенции: 0,1%. Администрација: 9,3%. Собирање на средства: 19,1%.

Archive of Our Own – AO3 (Наша сопствена архива)

76.703,46 USD потрошени; 306.623,55 USD останати

  • 76.703,46 USD потрошени досега од вкупно 383.327,00 USD оваа година, заклучно со 31 јули 2020.
  • 68,2% од трошоците на OTW се за одржување на AO3. Ова го вклучува поголемиот дел на серверските трошоци, вклучувајќи и нови набавки и тековна колокација и одржување, алатки за следење на перформансите на веб-страницата и разни лиценци поврзани со системите, како и трошоците посочени подолу (проверете ги сите програмски трошоци).
  • Оваа година потрошивме 18.000 USD за хонорарни работници за разделување на административните улоги на AO3 за работата на волонтерите да биде поефикасна. Други очекувани трошоци за AO3 вклучуваат дополнителни 100.000,00 USD за хонорарни трошоци за пренесување на пребарувањето на AO3 збирките на Elasticsearch и ажурирање кон Rails 6.
  • Освен тоа, трошоците за AO3 го вклучуваат купувањето на фронтенд сервери, податочни сервери и Virtual Machine сервери за отприлика 147.000,00 USD. Новите податочни сервери би ја прошириле способноста на нашата инфраструктура да складира дела за AO3 и би го зголемиле бројот на страници што им ги прикажуваме на корисниците. Старите сервери ќе бидат употребени како апликациски сервери, кои ги генерираат страниците.
  • Исто така планираме да инсталираме трета серверска решетка подоцна во текот на годината за да овозможиме поголем капацитет на моќност на AO3 (и веб-страниците на OTW) и да го ублажиме ефектот на падови на серверите. Додавањето на оваа решетка ќе вклучува трошоци за поставување од околу 8.000,00 USD и ќе ги зголеми нашите месечни трошоци за серверите за 2.200,00 USD.
  • Други трошоци вброени во буџетот вклучуваат 33.000,00 USD за Системски хонорарен работник кој ќе работи на разни OTW проекти, вклучително и AO3.

Фанлор

2.527,97 USD потрошени; 11.131,60 USD останати

  • 2.527,97 USD потрошени досега од вкупно 13.659,57 USD оваа година, заклучно со 31 јули 2020.
  • Трошоците на Фанлор се пред сѐ неговиот дел на серверски набавки, одржување и колокациски трошоци, како и обновувањето на веб-доменот на Фанлор (проверете ги сите програмски трошоци).

Transformative Works and Cultures – TWC (Трансформативни дела и култури)

331,00 USD потрошени; 1.500,00 USD останати

  • 331,00 USD потрошени досега од вкупно 1.831,00 USD оваа година, заклучно со 31 јули 2020.
  • Трошоците на TWC се за хостирањето на веб-страницата на списанието и такси за издавање и складирање (проверете ги сите програмски трошоци).

Open Doors (Отворени врати)

364,01 USD потрошени; 563,77 USD останати

  • 364,01 USD потрошени досега од вкупно 927,78 USD оваа година, заклучно со 31 јули 2020.
  • Трошоците на Отворени врати се состојат од хостирање, резервни копии и трошоци за домени за увезените архиви на фан-дела (проверете ги сите програмски трошоци).

Legal Advocacy (Правна поддршка)

0,00 USD потрошени; 2.500,00 USD останати

  • 0,00 USD потрошени досега од вкупно 2.500,00 USD оваа година, заклучно со 31 јули 2020.
  • Очекуваните трошоци на правниот оддел се состојат од такси за приложување (проверете ги сите програмски трошоци).

Поддршка за конвенции

0,00 USD потрошени; 500,00 USD останати

  • 0,00 USD потрошени досега од вкупно 500,00 USD оваа година, заклучно со 31 јули 2020.
  • Пресметаните трошоци вклучуваат 100,00 USD за печатење на флаери и 400,00 USD за други активности за поддршка за конвенции во име на OTW (проверете ги сите програмски трошоци).

Собирање на средства

44.771,92 USD потрошени; 62.476,28 USD останати

  • 44.771,92 USD потрошени досега од вкупно 107.248,20 USD оваа година, заклучно со 31 јули 2020.
  • Нашите трошоци за собирање на средства се состојат од трансакциски такси наплатени од трета странка за обработка на плаќања за секоја донација, купување и испраќање на подароци за благодарност и алатките користени да се хостира базата на податоци за членовите на OTW и да се следи комуникацијата со сегашни и потенцијални донатори (проверете ги трошоците за собирање на средства).

Администрација

10.475,36 USD потрошени; 41.928,78 USD останати

Приходи за 2020

OTW приходи: Донации од априлската кампања за членство: 60,8%. Донации од октомвриската кампања за членство: 9,9%. Донации надвор од кампањи: 24,5%. Донации од програми за корпоративно удвојување на донации: 4,0%. Приходи од камати: <0,1%. Авторски хонорари: 0,1%. Други приходи: <0,1%. Ограничени донации: 0,7%.

  • OTW е целосно поддржана од Вашите донации—Ви благодариме за Вашата дарежливост!
  • Најголемиот дел од нашите донации секоја година го добиваме преку априлската и октомвриската кампања за донации, кои заедно претставуваат отприлика 71% од нашите приходи за 2020. Исто така добиваме донации преку програмите за коорпоративно удвојување на донации, авторски хонорари, Amazon Smile и PayPal Giving фондот, кој работи со донации од програми како Humble Bundle и eBay for Charity. Доколку сакате да нѐ поддржите додека купувате на тие веб-страници, Ве молиме изберете ја “Organization for Transformative Works” како Ваш избор за добротворна организација!
  • Со оглед на Вашата дарежливост во претходните кампањи, планираме да префрлиме дополнителни 150.000 USD во нашите резерви, кои планираме да ги чуваме за црни денови. Благодарејќи на ова, разгледуваме алтернативни извори на приходи за да ги надополниме Вашите донации. Забележавме напредок во потрагата за соодветен инвестициски метод и специјалист за инвестиции за мали непрофитни организации како OTW; имаме за цел да обезбедиме ниско-ризично, конзервативно инвестициско портфолио до крајот на 2021.
  • Вашата дарежливост за време на кампањата за членство во април 2020 особено ѝ овозможи на OTW да почне да планира за фискалната изводливост на проекти од големи размери. Со нетрпение очекуваме да ги споделиме овие планови со Вас откако ќе ја решиме правната и практичната логистика!
  • Ја примивме и нашата прва ограничена донација: 5.161,62 USD од HP Education Fanon, Inc., уште една 501(c)(3) непрофитна организација посветена на промовирање на придобивките на читањето, која за жал престана да работи во 2018. Донацијата ќе ја поддржи книгата на Франческа Копа (Francesca Coppa) за историјата на фан видингот за University of Michigan Press, која моментално е во производство. Парите ќе се искористат да се плати за Универзитетот во Мичиген да ги хостира фан-видеата споменати во книгата, како и да се овозможи книгата да биде бесплатна за секој да ја чита и користи.
  • 665.975,09 USD се добиени досега (заклучно со 31 јули 2020) и 754.362,62 USD се предвидени да се добијат до крајот на годината.

665.975,09 USD донирани; 88.387,53 USD останати

Имате прашања?

Доколку имате прашања за буџетот или финансиите на OTW, Ве молиме контактирајте ја Комисијата за финансии. Ќе одржиме и отворен онлајн разговор за да одговориме на Вашите прашања. Меѓутоа, овој разговор ќе се одржи целосно на англиски јазик. Англиската верзија на оваа објава содржи повеќе информации за тоа кога ќе се случи разговорот и како да се приклучите.

За да го преземете ажурираниот буџет на OTW за 2020 во Excel формат, следете го овој линк.


OTW е непрофитната матична организација на повеќе проекти вклучувајќи ги AO3, Фанлор, Отворени врати, TWC и Правната поддршка на OTW. Ние сме организација предводена од фанови, која е целосно поддржана од донации и волонтерски персонал. Дознајте повеќе за нас на веб-страницата на OTW. За да дознаете повеќе за нашиот тим од волонтерски преведувачи кои ја преведоа оваа објава, погледнете ја страницата на Преведување..