Јас сум професионален креатор. Дали треба да избегнувам да ги читам или признавам фан-делата базирани на моите дела?

Тоа е во суштина лична одлука. Доколку ќе Ве вознемири да читате, прегледувате или гледате фан-дела базирани на Вашите дела, тогаш не го правете тоа.

Понекогаш авторите се советуваат да не читаат или признаваат фанфикција базирана на нивните дела затоа што е можно авторот да прочита некоја приказна, потоа да напише нешто слично и да се соочи со тврдење на фанот дека го копирал неговото дело. Има повеќе причини да го игнорирате овој ризик, еден од кои е тоа што судската практика во САД е на страна на авторот: ниту еден суд нема да прифати тврдење дека подоцнежно дело од истиот автор во истиот универзум ги крши авторските права на фан-делото. Меѓу другото, кога ќе се почне со слични замисли, не е воопшто изненадување ако се заврши со истите идеи — но законот за авторски права на САД го заштитува конкретното изразување на идејата, а не самите идеи. Дури и ако некое фан-дело е слично на подоцнежно дело во истиот универзум, сличноста на идеи (на пр., како магијата со волшебно стапче функционира во Хари Потер) не е доволно за да ги скрши авторските права.

Сепак, тоа што не е можно да победи не значи дека некој не може да се закани да Ве тужи. Главниот проблем е тоа што не мора да постои фан-дело да настане закана! Доколку авторот чита фан-писма или онлајн рецензии, може да наиде на идеите на фановите за тоа што треба да се случи со ликовите; доколку чита други книги, може да наиде на приказна или лик слични на приказна или лик што може да ги користи во иднина. Всушност, типичниот судски случај за кршење на авторските права помеѓу два автори вклучува тврдења дека едно дело е копија на друго, навидум неповрзано дело.

Мисијата на OTW (Организација за трансформативни дела) го вклучува објаснувањето на разликата помеѓу идеите и изразувањето. Многу луѓе може да ја имаат истата идеја за тоа што ќе се случи во следната сезона на Хаус (House); но ако сите тие напишат различни приказни кои ја искажуваат идејата на различен начин, тогаш тие приказнии не ги кршат авторските права.